Атлетико и Арсенал си зададоа по еден удар, патникот во Будимпешта ќе се решава на „Емирејтс“

Дерби

30/04/2026

07:50

162

Големина на фонт

а а а

Атлетико Мадрид и Арсенал си зададоа по еден удар вечерва на „Метрополитано“ и оставија се отворено за реваншот во Лондон, по што стана јасно дека патникот во големото финале во Будимепшта ќе го дознаеме на „Емирејтс“.

Иако Атлетико покажа повеќе желба и прикажа доволно за да победи, Арсенал успеа да оствари позитивен резултат во шпанската престолнина, особено поради добрата дефанзивна поставеност и пожртвуваноста на играчите во одбрана и средниот ред.

Коректното прво полувреме донесе голем интензитет од двете екипи и во такви услови не видовме голем број шанси, но пред да се замине на пауза, Ѓокереш се избори за пенал и напаѓачот на Арсенал го искористи истиот за предност од 0:1.

Ова беше огромна награда за Арсенал со оглед на тоа што го прикажа на теренот, па иако дел од играчите на Атлетико се бунеа и очекуваат пеналот да биде поништен, до такво нешто не дојде.

Стартот на вториот дел донесе слична ситуација во противничкиот шеснаесетник, но овојпат стануваше збор за игра со рака, по што Макели повторно покажа на белата точка.

Алварез ја презема одговорноста и израмни на 1:1 во 56-та минута, па моментот целосно се сврте на страна на домаќините. Атлетико жестоко нападна и ја погоди гредата преку Гризман, а во продолжение две добри шанси на искористи и Лукман.

И покрај резервираноста, Арсенал доби втор пенал по еден пад на Езе во шеснаесетникот, но овојпат Макели отиде да гледа во ВАР мониторот и го поништи пеналот за гостите.

На крајот, конечните 1:1 ги оставаат двата тима во игра за големото финале на крајот на месец мај, па патникот на завршниот меч ќе го дознаеме наредниот вторник некаде после 23:00 часот.