Возови се судрија кај Џакарта, најмалку 14 загинати и 84 повредени

Макфакс

28/04/2026

11:24

126

Големина на фонт

а а а

Најмалку 14 лица загинаа, а 84 се повредени во судир на два воза во близина на индонезиската престолнина Џакарта, соопшти државната железничка компанија „ПТ Керета Апи Индонезија“.

Според информациите, несреќата се случила во понеделникот вечерта на станицата Бекаси Тимур, кога меѓуградскиот воз „Арго Бромо Ангрек“ удрил во задниот дел на запрен приградски воз „КРЛ Комјутер Лајн“.

Сите 14 жртви биле патнички во приградскиот воз, од кои многу се наоѓале во вагонот наменет за жени, додека патниците од меѓуградскиот воз минале без потешки повреди.

Поради силниот удар, голем број патници останале заробени во вагоните до утринските часови.

Директорот на железничката компанија, Боби Расидин, изјави дека евакуацијата на сите заробени лица била завршена утрово до 8:45 часот по локално време, а телата на загинатите биле пренесени во болницата РС Полри Крамат Џати за идентификација.

Повредените биле згрижени во повеќе медицински установи во околината.

Претседателот на Индонезија, Прабово Субијанто, наредил целосна истрага за причините за несреќата.

Според првичните информации, до сударот дошло откако приградскиот воз нагло застанал, а полицијата и надлежните служби сè уште ги утврдуваат сите околности.