Столе Димитриевски го смени правецот во кој оди сезоната на Валенсија и во последно време се истакнува како вистински спасител на „лилјаците“, а тоа го потврди и со херојска одбрана на „Месталја“ во победата над Џирона.
Откако пред неколку дена правеше чуда на гостувањето на Мајорка и беше најзаслужен за освоениот бод, Димитриевски вчера во 90-та минута режираше вонсериска парада со која ја одбрани победата и трите бода за Валенсија против Џирона (2:1), па сосема очекувано, Македонецот беше тема на разговор и на прес-конференцијата која ја одработи Карлос Корберан.
Столе мораше да се намачи и да има малку среќа за да добие шанса од тренерот на Валенсија, но сега дочека период во кој добива и јавни пофалби од Корберан.
Димитриевски има клаузула во договорот според која истиот може да му биде продолжен за уште две години, меѓутоа Корберан нагласи дека се уште не е време за да зборува за такви работи.
– Не е време да се анализира иднината на Димитриевски, но тоа што му се случува во сегашноста е максимално заслужено. Тој одигра круцијална улога во последните бодови кои ги освоивме. Многу сме задоволни од него и не го криеме тоа. Секогаш сметав дека мора да имаме двајца добри голмани, голманската позиција мора да биде добро покриена.
– Сезоната беше чудна за него, но работеше напорно и го дочека својот момент. Репрезентативните обврски направија да ја одржи формата, а потоа дојде неговиот момент и во Валенсија и сега е многу важен за нас. За Валенсија е клучно да има голмани со квалитет да бидат стартери во секој момент, а таков е токму Столе, – изјави Корберан.






