Од авион се гледа синхронизираноста на темата за државјанствата меѓу структури од Бугарија кои ја пуштаат темата, незадоволни од политиката на патриотизам и непопустливост на ВМРО, за разлика од поданичката политика на СДС, со која се налепуваат на оваа тема диктирана од Бугарија како мува на мед, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Според него, ваквата координација е резултат на бројните бизниси преку бугарски сметки на луѓе од врвот на СДС и фактот дека некој очигледно како да ги има фатено за врат и дека мора да испорачуваат сега.
„Кога на Бугарија ќе ѝ притреба Македонија во нивната јавност, СДС истиот ден изутрина на прес ја сервира таа услуга за Бугарија. Од целиот процес за државјанства направи циркус и пародија. По истиот принцип, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ може сега да побара да нема златни визи или документи за жителство какви што има првиот човек на СДС во Дубаи? Бидејќи истите тие документи создаваат сомнеж дека би можеле да бидат употребени ако личноста сака да избега од државата поради коруптивни дејствија, кои кај овој лик се основан сомнеж“, рече Лефков.
Ова нивно водење политика, додаде тој, е незрело и е по диктат, а не согласно интересите на Македонија.
„Оваа реактивна политика и ваквиот поданички однос на СДС, во форма на Павлов рефлекс кога бугарски структури имаат потреба од тоа, е дегутантно и може да создава дополнителни предизвици во односите, но и да ѝ создава штети на Македонија. Ова ниво на апсурд кое СДС го покажува во послушноста остава простор истовремено и за разни други пародични ситуации кои би можеле да се случуваат во државава“, смета пратеникот Лефков.







