Имери: Техничката влада беше кризен механизам, не модел за трајно решение

Макфакс

22/04/2026

17:00

132

Големина на фонт

а а а

Сандра Имери од ВЛЕН оцени дека ставот на ДУИ за техничката влада претставува „чиста хипокризија и обид за извртување на политичката реалност“.

Според неа, техничката влада не била демократски стандард што треба да се брани, туку итно решение наметнато од длабока политичка криза, поврзана со, како што наведува, компромитираната коалициска власт и скандалите во кои ДУИ била дел, во партнерство со режимот на Никола Груевски.

Имери потсетува дека техничката влада била создадена со цел да гарантира слободни и фер избори во услови на масовно прислушување, злоупотреба на власта и криза на доверба, нагласувајќи дека станувало збор за привремен механизам, а не модел што треба да се одржува.

Таа додава дека ДУИ денес ја претставува техничката влада како „достигнување што треба да се брани“, прикривајќи го фактот дека самата била дел од проблемот што ја направил таквата мерка неопходна. Посочува и дека во 2023 година ДУИ дала согласност за укинување на техничката влада, поставувајќи прашање дали тогаш се консултирале со меѓународните фактори.

Имери оценува дека контекстот од 2015 година повеќе не постои и дека денес има поинаква политичка реалност, со изборни процеси признаени на меѓународно ниво, посилна институционална контрола и повисоки демократски стандарди.

Според неа, инсистирањето на техничка влада во сегашни услови е обид за кочење на демократскиот развој и избегнување одговорност во нормален политички систем, додавајќи дека на земјата ѝ се потребни функционални институции и избори организирани од влада со полн мандат.