[ФОТО/ВИДЕО] Тошковски во Идризово: Кандидатите за полицајци ја демонстрираа подготвеноста преку симулациска вежба

Макфакс

22/04/2026

13:50

161

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на симулациска вежба на кандидатите за полицајци од генерацијата 2025/2026, кои во моментот се на теренско-тактичка обука во рамки на третиот модул од нивната основна обука.

Вежбата започна со симулација на борбена тревога, по што кандидатите демонстрираа формации на движење, реакција, прифаќање и напад по контакт. Во завршниот дел беше изведено сценарио за воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, при што беа прикажани зборни распореди и различни форми на интервенција.

Со оваа двонеделна теренско-тактичка обука кандидатите ги надградуваат своите практични знаења и вештини, стекнати во текот на основната обука, со цел нивна целосна подготвеност за извршување на полициските задачи.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека продолжува континуирано да инвестира во унапредување на обуката, подготвеноста и работните услови, како на кандидатите за полицајци, така и на активните полициски службеници.

„Ваквите вложувања директно придонесуваат за посилен, поефикасен и професионален полициски состав, што значи повисоко ниво на безбедност за сите граѓани“, велат од МВР.