Виралниот ѓубреџија од ТикТок предупреди за голема опасност што може да ја претставува сосема вообичаен предмет што го користат милиони луѓе ако го фрлат во канта за отпадоци.
Ешли, популарен британски креатор на содржина кој неколку години работел како ѓубреџија, редовно споделува совети на својата ТикТок страница @Theno1.binman, каде го следат речиси 169.000 луѓе.
Во неодамнешно видео објаснил зошто луѓето не треба да фрлаат електрични четки за заби во ниту една домашна канта за отпад поради опасноста што можат да ја предизвикаат. Иако на прв поглед можеби не изгледа важно, зад тоа се крие сериозен проблем.
Опасност од пожар во камион

Ешли објаснил дека причината поради која електричните четки за заби не треба да се фрлаат ниту во канта за мешан отпад ниту во канта за рециклирање е многу едноставна — спречување пожари и штети.
„Не е дека ние не сакаме да ги однесеме. Не ги собираме за да спречиме пожари во задниот дел од камионот. Кога пресата ќе се спушти и ќе ја пробие батеријата во четката, тогаш настанува пожар“, рекол тој. „Истото се случува и кога отпадот ќе стигне во постројка за сортирање и таму се дроби, а не се очекува дека внатре има електрични уреди — тоа е причината.“
Вирален совет
Ешли објаснил и како безбедно да се отстранат старите електрични четки за заби.
„Не ги ставајте ниту во канта за мешан отпад, ниту во канти за рециклирање, затоа што во себе имаат батерија на полнење. Знам дека е незгодно, но мора да ги однесете во продавница како „Boots“ или „Currys“, или во која било друга што продава мала електроника“, објасни тој.
„Понекогаш тие продавници имаат контејнер пред влезот каде што можете да ги оставите. Друга опција е да ги однесете во рециклажен двор, каде има посебен контејнер или оддел за мала електроника. Понекогаш едноставно треба да ги однесете работите таму каде што сте ги купиле“, додал тој.










