Мисајловски и Лафчиски на средба со американскиот амбасадор во НАТО, Витакер: Ја развиваме македонската Армија и ја зацврстуваме колективната одбрана

Макфакс

20/04/2026

19:11

132

Големина на фонт

а а а

Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски денес, 20 април, во касарната „Илинден“ во Скопје, се сретнаа со амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер со кого разговараа за инвестициите во Армијата, исполнувањето на НАТО-целите на способности и зацврстувањето на колективната одбрана на Алијансата.

На средбата, Мисајловски истакна дека македонскиот одбранбен буџет е во нагорна линија и е согласно предвидениот план на раст.

„За набавка на нова и модерна опрема се наменети 32,5 проценти од Буџетот“, рече Мисајловски.

„Нашата држава е кредибилен сојузник со исклучително високо ниво на инвестиции во процесот на модернизација и опремување“, рече Мисајловски и додаде дека државата сериозно го надминува НАТО стандардот од 20 проценти за оваа намена. Мисајловски истакна дека државата е на добар пат да го исполни заеднички договореното ниво од 3,5% од БДП наменети за одбранбениот буџет и 1,5% од БДП за активности и проекти поврзани со одбраната до 2035 година.

Генералот Лафчиски, пак, информираше дека во тек е вежбата „Блесок 26“ на која ќе се изврши оценување на Лесната пешадиска баталјонска група, истакнувајќи ја поддршката на САД и сојузниците за остварување на оваа НАТО цел на способност.

Во текот на посетата, припадници од Баталјонот на специјални сили и Извидувачко-разузнавачкиот баталјон реализираа методско-показна вежба, на која беа презентирани дел од нивните способности, обученост и подготвеност за извршување на сложени мисии.

По завршувањето на вежбата, Витакер имаше можност да го обиколи тактичко-техничкиот збор, каде беа изложени дел од средствата, вооружувањето, опремата и возилата со кои располагаат единиците на Армијата.

На настанот присуствуваа: вршителот на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, Никол Варнс, генерали во Армијата и претставници од Армијата, Министерството за одбрана и Амбасадата на САД во нашата држава.

Посетата на амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, претставува потврда за силното партнерство и сојузништво меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.