Легендарниот Мишо Ковач не сака концерт што му го организираат за да заработи: „Живеам чесно и скромно“

Точка

17/04/2026

19:12

567

Големина на фонт

а а а

Откако се појавија информации дека Мишо Ковач во Строжанац живее од пензија од 420 евра и дека негови пријатели сакаат да му организираат концерт за да заработи нешто, се огласил и самиот пејач и порачал дека тој не знае ништо за тоа и дека не сака никакви пари.

Тој за „Jutarnji.hr“ ги коментирал наводите дека пријатели му организираат концерт за да заработи.

„Во животот никогаш ништо не сум молел, ниту преку весници сум барал парична помош за себе. Првпат слушам дека некој сака да организира некаков концерт од кој приходот би ми бил уплатен мене за да заработам нешто. На оние кои го пишуваат тоа или сакаат да направат такво нешто им порачувам да се откажат од таа работа: мене тоа не ми треба, ниту го сакам“, рекол пејачот.


Потоа додал дека тоа не се негови пријатели и дека луѓето кои го познаваат знаат дека тој никогаш не би дозволил такво нешто.

„Тоа не се никакви мои пријатели. Мојот најголем пријател е мојата Лидија, жената која ја сакам и која ме спаси, жената за која живеам. А луѓето со кои сум близок знаат дека јас никогаш не би дал дозвола да се направи таков вид концерт. Живеам како што живее и мојата публика. Чесно и скромно. И чест ми е што така живеам“, нагласил Ковач.


Легендарниот пејач истакнал дека со сопругата живее нормален живот и дека тоа му е најважно.

„Мојата сопруга Лидија и јас живееме нормален, мирен живот. Среќен сум што сме заедно, што покрај мене е жената која сакам најмногу на светот, која ме собра и ме крена на нозе во време кога бев полуден поради смртта на мојот син, која нѝ помогна и на мене и на мојата ќерка Ивана кога нѝ беше најтешко“, нагласил тој.