Поради продолжените ризици од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, Собранието денеска на пленарна седница го усвои Предлогот за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија. Со одлуката, што претходно доби поддршка и од Комисијата за одбрана и безбедност, кризната состојба се продолжува до 20 јули 2026 година, а ќе започне да се применува од 21 април 2026 година, по нејзиното објавување во „Службен весник“.
Во образложението, пратениците беа информирани дека продолжувањето на кризата е условено од неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба, по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта, особено преку Ормуската Теснина, кој е еден од клучните светски енергетски коридори.
Според проценките на надлежните институции, по нападите извршени кон крајот на февруари годинава и последователното блокирање на поморските патишта, протокот на нафта низ Ормуската Теснина значително намален, што создава ризик од глобален недостиг и зголемување на цените, со директни последици и врз домашниот пазар.

Владата, веќе презема низа мерки за ублажување на последиците од кризната состојба, меѓу кои намалување на данокот на додадена вредност за енергенсите и намалување на акцизите за дизелот и безоловните бензини, со цел заштита на стандардот на граѓаните и обезбедување стабилно снабдување.
Предлогот за продолжување на кризната состојба беше усогласен со заклучоците на Групата за процена на ризици и опасности и на Управувачкиот комитет за координација и управување со Системот за управување со кризи, кои оценија дека причините за нејзиното прогласување сѐ уште не се надминати.
Со денешното гласање, Собранието ѝ даде овластување на Владата и на надлежните институции и во наредниот период да продолжат со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси.







