Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, оствари работна посета на Општина Охрид, при што одржа средба со градоначалникот Кирил Пецаков, членовите на Советот и општинската администрација.
На средбата се разговараше за развојните приоритети на општината, тековните предизвици и можностите за нивно надминување преку заедничка координација меѓу централната и локалната власт.
Во фокусот на разговорите беше почетокот на реализацијата на проектот AdvenTour2, кој се спроведува во рамки на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка со Република Грција. Буџетот за Општина Охрид изнесува 187.685 евра, а проектот има за цел унапредување на пристапниот и инклузивен туризам, преку развој на инфраструктура и содржини достапни за сите категории граѓани, вклучително и лицата со попреченост.
„Во рамки на проектот се предвидува унапредување на крајбрежната зона со поставување на пристапна опрема, адаптирани содржини и инфраструктура, што ќе придонесе за позиционирање на Охрид како пример за одржлива и инклузивна туристичка дестинација. Паралелно, преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, Министерството за локална самоуправа обезбеди поддршка за јавното комунално претпријатие во Охрид, преку набавка на опрема за детекција и санација на дефекти во водоводната мрежа. Со оваа инвестиција се очекува значително подобрување на ефикасноста на системот и намалување на загубите на вода, кои во моментов се на високо ниво“, соопшти Министерството.
Министерот Перински истакна дека Владата и Министерството продолжуваат со конкретна поддршка за општините, насочена кон проекти кои директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.
„Активностите кои ги преземаме за зајакнување на локалната самоуправа се од суштинско значење и тоа веќе се чувствува на терен во сите општини. Не правиме компромис кога станува збор за интересот на граѓаните“, нагласи Перински.
Преку двата јавни повика за финансирање на проекти за капитална инфраструктура во општините, Владата за Општина Охрид одобри вкупно 24 проекти во вредност од 562.334.704 денари.
Караванот продолжува и во наредниот период, заокружувајќи ги посетите во сите општини низ државата.











