СДСМ: Дали власта преку Сиљановска бара нови канали и решенија за заштита на Груевски?

Макфакс

16/04/2026

11:58

179

Големина на фонт

а а а

Каква е улогата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во новите сценарија за бегство на Никола Груевски од Унгарија? Ова прашање се поставува имајќи ја предвид посетата на Сиљановска на Турција, а во контекст на информациите дека Никола Груевски не може да обезбеди азил во оваа земја, велат од СДСМ.

„Има ли разговори зад очите на јавноста поврзани со Никола Груевски? Дали власта преку Сиљановска бара нови канали и решенија за заштита на Груевски? По прес-конференцијата на идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, дека нема повеќе заштита за криминалци, Полска веднаш испратила официјални документи со директно барање за екстрадиција на своите политичари од Унгарија. Само Владата на Христијан Мицкоски чека и сѐ уште нема поднесено барање за екстрадиција на Никола Груевски. Дали Сиљановска има улога? Дали ќе го спасува новиот Ванчо Михајлов во ВМРО, Христијан Мицкоски од судбината на предавник? Сиљановска-Давкова, има и формални извршни надлежности за вакви процеси, освен нејзината дипломатска улога. Една од тие надлежности е аболиција, односно помилување на Никола Груевски по рецептот на Ѓорѓе Иванов, доколку не обезбеди престој во некоја земја“, велат од СДСМ.

Токму затоа, додаваат од партијата, активностите на Сиљановска мора да бидат транспарентни и во интерес на граѓаните, а не во функција на заштита на поединци.

„Јавноста очекува одговори. Граѓаните не смеат да бидат сведоци на нов обид за политичко спасување на Никола Груевски од одговорност“, велат од СДСМ.