Собранието денеска треба да ја одржи 99-та седница, на која ќе одлучува за Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на државата, која би важела до 20 јули годинава.
Предлог-одлуката е на дневен ред и на седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, а според предложеното, мерката ќе започне да се применува од 21 април.
Кризната состојба беше воведена поради ризици од нарушување на снабдувањето со горива, во услови на тензии и конфликт на Блискиот Исток. Владата на седница на 23 минатиот месец донесе одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, како и одлука за ослободување количини мазут од државните резерви, со цел стабилизирање на пазарот и обезбедување континуирано снабдување.
Дополнително, беше прогласена кризна состојба во времетраење од 30 дена на целата територија на државата, со цел да се овозможи соодветно законско постапување и институциите ефикасно да ги спроведуваат мерките. Со тоа беше утврдена можноста за настанување на пореметување во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, како последица на ризици во снабдувањето со стратегиските енергенси и евентуално попречување или блокирање на нивниот увоз.

Тогаш беше активиран и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој е во постојано заседавање со цел следење на мерките, активностите и координирано дејствување поврзано со оваа состојба.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нафтените резерви се непроменети и дека состојбата со нафтените деривати е стабилна.
Следејќи ги движењата на светските берзи, според него, цените на горивата во земјата најверојатно ќе останат исти или ќе се намалат. Во однос на продуктоводот за транспорт на нафтени деривати, посочи дека и таму има непречен проток.
За мерката за намалено ДДВ, која моментално важи, Мицкоски рече дека ќе се следи состојбата, но очекува најмалку задржување на сегашните цени, со можност за дополнително намалување. Договорот со „Окта“ за попуст трае до крајот на април, а во тек се и преговори за дополнително намалување, особено за дизел-горивото, кое учествува со околу 75 проценти во вкупната потрошувачка.











