Почина легендарниот Хозе Емилио Сантамарија

Макфакс

15/04/2026

13:44

171

Големина на фонт

а а а

Поранешниот играч на Реал Мадрид, Хозе Емилио Сантамарија, почина на 96-годишна возраст, објави клубот.

Хозе Емилио Сантамарија е роден во Монтевидео во 1929 година и беше дел од една од најуспешните генерации во историјата на Реал Мадрид. Тој освои четири титули во Купот на европските шампиони со „Кралскиот клуб“, во 1958, 1959, 1960 и 1966 година.

Одигра 337 натпревари за Реал, од 1957 до 1966 година, и беше шампион на Шпанија шест пати.

Играше заедно со фудбалски великани како Алфредо ди Стефано и Ференц Пушкаш. Со Реал освои еден Интерконтинентален куп и еден Кралски куп.

Сантамарија дојде во Реал од Насионал, со кого четири пати беше шампион на Уругвај.

Одигра 25 натпревари за репрезентацијата на Уругвај, а 16 за шпанската репрезентација. Играше за Уругвај на Светското првенство во Швајцарија во 1954 година и за Шпанија на Светското првенство во Чиле во 1962 година.

По завршувањето на кариерата, Сантамарија беше тренер. Тој ја предводеше шпанската репрезентација на Светското првенство во 1982 година, како и на Олимписките игри во 1968 и 1980 година.

Тој беше тренер на Еспањол седум години, го предводеше клубот во 252 натпревари.