Министерството за правда соопшти дека во текот на утрешниот ден ќе достави барање до надлежните судски органи и обвинителства за потребните списи за сите предмети поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски и откако ќе ги добие потребните документи ќе постапи согласно позитивните законски прописи.
Од Министерството потсетуваат дека за Груевски досега е поднесено едно барање за екстрадиција на 20.11.2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година.
„Екстрадицијата беше побарана за сите предмети за кои постоеја сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите случаи за кои е распишана потерница. Република Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година, со образложение дека на Никола Груевски му е одобрен азил, согласно нивното законодавство, кое не дозволува предавање на лице кое ужива таков статус на државата од која избегало“, соопшти Министерството за правда.
Инаку, денеска премиерот, Христијан Мицкоски, изјави дека ако Груевски се појави во земјава, веднаш ќе биде упатен на издржување на затворската казна.
„Јас немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и тој веднаш откога ќе се појави во Македонија, нормално, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување на затворска казна која што е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која што сите закони важат и Влада која мора да ги почитува законите и институциите во државата, а нормално секое лице има право да ги користи институциите, да ги користи своите права, да поднесува жалби и така натаму. Ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда со која што лицето за кое вие говорите сега е упатено на отслужување на затворска казна. Дали ќе се врати и кога ќе се врати јас немам такви очекувања“, рече премиерот Мицкоски.
Прашањето за Груевски се актуелизира по победата на Петар Маѓар, за премиер на Унгарија, кој кажа дека нема да обезбедува засолниште на лица кои се барани од правосудните органи во други држави, а опозициската СДСМ веќе побара од власта да поднесе ново барање за екстрадиција на Груевски.












