Трамп најави блокада, САД ќе запираат бродови поврзани со иранските пристаништа; Иран: Ниту едно пристаниште нема да биде безбедно

Макфакс

13/04/2026

11:49

533

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека од денеска во 16 часот ќе блокираат бродови кои „влегуваат или излегуваат“ од иранските пристаништа.

Американскиот претседател претходно соопшти дека морнарицата ќе започне постапка за блокада на „сите бродови“ кои се обидуваат да влезат или излезат од Ормускиот теснец.

Од Централната команда на САД соопштија дека блокадата ќе се спроведува „непристрасно кон бродови од сите држави“, но ќе остане дозволен премин за бродови кои пловат меѓу пристаништа што не се во Иран, низ теснецот преку кој минува околу една петтина од светската нафта.

Одлуката на Трамп следува откако преговорите меѓу Техеран и Вашингтон, одржани во Пакистан во саботата, завршиле без договор по 21 час разговор.


Иран: Ниту едно пристаниште нема да биде безбедно

Иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) предупреди дека „ниту едно пристаниште во Заливот и Оманското Море нема да биде безбедно“ по одлуката на САД да воведат блокада на сообраќајот што влегува и излегува од иранските пристаништа во Ормускиот теснец, јави Анадолу.

Во соопштението, пренесено од државниот медиум ИРИБ, се наведува дека безбедноста на пристаништата во регионот „или е за сите или за никого“.

Иранските вооружени сили посочуваат дека „одбраната на законските права на земјата е природна и легитимна должност“, додавајќи дека остварувањето суверенитет над територијалните води е природно право на иранскиот народ.

Според ИРГЦ, „бродовите поврзани со непријателот“ ќе имаат забрана за премин низ Ормускиот теснец, додека останатите ќе можат да минуваат според правилата поставени од Техеран.

Повикувајќи се на „континуирани непријателски закани“, ИРГЦ најави дека Иран ќе спроведува траен механизам за контрола на теснецот, дури и по завршување на конфликтот.

„Ограничувањата што ги наметнаа криминалните САД врз поморскиот сообраќај во меѓународни води се незаконски и претставуваат пиратство“, се додава во соопштението.