Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги осуди масовните израелски воздушни напади врз Либан, велејќи дека во нив се убиени и ранети стотици цивили, вклучувајќи деца, и уништена цивилна инфраструктура, објави новинската агенција ДПА. Гутереш „недвосмислено ги осудува масовните напади“, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик во соопштението во среда.
„Генералниот секретар остро ја осудува загубата на цивилни животи и е длабоко загрижен за зголемениот број цивилни жртви“, рече тој.
Напади и покрај прекинот на огнот
И покрај прекинот на огнот во конфликтот со Иран, Израел започна големи напади врз цели во Либан, вклучувајќи го и главниот град Бејрут. Министерството за здравство на Либан соопшти дека се убиени најмалку 182 лица.
Израелската војска соопшти дека ги таргетирала командантите на Хезболах и воената инфраструктура, но либанските власти соопштија дека меѓу жртвите има многу цивили. За разлика од Иран, САД и Израел не сметаат дека Либан е опфатен со договореното двонеделно примирје. Иран размислува за повлекување од прекинот на огнот, според иранската новинска агенција Фарс.








