Британската министерка за надворешни работи, Ивет Купер, во четврток ќе порача дека пловидбата низ Ормускиот теснец, клучен за глобалните енергетски резерви, мора да остане слободна. Лондон се спротивставува на планот на Иран, да наплаќа за премин низ виталниот воден пат, кој пренесува околу една петтина од светската нафта и гас, објави Ројтерс.
Порака до Иран
Иран претходно објави дека сака да наплаќа за бродовите за премин низ Ормускиот теснец, кој пред американско-израелската војна со Иран имаше статус на меѓународен воден пат. „Фундаменталните слободи на море не можат еднострано да се укинат или продадат на индивидуални понудувачи. Исто така, нема место за патарини на меѓународен воден пат. Слободата на пловидбата значи дека пловидбата мора да биде бесплатна“, стои во извадоци од говорот што Купер ќе го одржи во Лондон.
Повик за прекин на огнот
Купер, исто така, ќе ги повтори повиците од светските лидери Либан да се придружи на двонеделното примирје договорено во вторник од Иран и САД. Во меѓувреме, Израел во среда ги изврши своите најголеми напади врз Либан досега, таргетирајќи позиции на милицијата Хезболах, поддржана од Иран.








