Претседателот на Собранието Африм Гаши се обрати по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, нагласувајќи дека ромската заедница е неразделен дел од општеството и има исти права и достоинство како и сите граѓани.
Тој посочи дека и покрај напредокот во законодавството, многу Роми сè уште се соочуваат со препреки и дискриминација во пристапот до образование, вработување и основни услуги.
Гаши истакна дека темата „Од невидливост кон еднаквост“ ја нагласува потребата од реални можности, застапеност и почитување на достоинството.
Тој повика на покоординиран пристап со поголема институционална соработка, политичка волја, граѓанска ангажираност и медиумска одговорност.
Во однос на Собранието, ја посочи улогата на пратениците и Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, додавајќи дека иако нема ромски пратеник, ќе биде посветен глас за заштита на нивните права.
Гаши упати повик и до извршната власт за поголема посветеност во зголемување на можностите за образование, вработување и застапеност на Ромите.
Во обраќањето, тој ја нагласи и улогата на медиумите и граѓанското општество во поттикнување јавен дијалог и унапредување на еднаквоста.
На крајот, упати порака до ромската заедница да биде активен учесник во процесите и донесувањето одлуки, истакнувајќи дека инклузијата започнува со активно учество во општеството.








