Во услови на растечка нееднаквост, пад на животниот стандард и хронична институционална неефикасност, најновите податоци за инфлацијата јасно ја потврдуваат реалноста дека Македонија се движи кон сериозна економска нестабилност, оценуваат од Левица.
Владата, според оваа партија, наместо реални мерки води фискална политика базирана на статистички манипулации и политички маркетинг, целосно оддалечена од вистинските проблеми на граѓаните.
„Според Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари 2026 година во однос на истиот месец лани изнесува 2,9% што е втор месец по ред оваа година над проектираната стапка од 2,5%.
Кога ќе се погледнат клучните категории, сликата е особено загрижувачка: храната поскапена за 3,9%, млекото за 4,2%, овошјето за дури 16,3%, шеќерот за 8,9%, безалкохолните пијалоци за 10,7%, кафето за 21%, облеката за 6% а услугите во предучилишно и основно образование за 23,4%.
Не станува збор за ʼниска инфлацијаʼ туку за директен сериозен удар врз животниот стандард. Поскапуваат токму основните производи и услуги што секое семејство ги користи секојдневно“.
Особено загрижува фактот, додаваат од Левица, што и покрај очигледниот нафтен шок и геополитичките тензии не се преземаат суштински интервенции во клучните сегменти, односно, нема намалување на акцизите, нема сериозни мерки за контрола на маржите ниту пак засилена антимонополска регулација.
Ова, истакнуваат од таму, укажува на отсуство на волја да се интервенира во пазарните структури каде што профитите растат паралелно со осиромашувањето на населението.
„Ако не се направи суштински пресврт во економската стратегија, од пасивно набљудување кон активна интервенција Македонија ризикува да влезе во спирала на стагфлација – комбинација од висок раст на цените и слаб економски раст. Во такво сценарио, најголемата цена повторно ќе ја платат граѓаните додека економските елити ќе останат релативно заштитени“.
Левица апелира дека е потребен многу поагресивен фискален и регулаторен одговор. прогресивна даночна политика, интервенции во ценовните механизми кај основните производи, контрола на пазарната концентрација и сериозни јавни инвестиции во домашното производство и енергетска независност.
Без вакви чекори, инфлацијата, предупредуваат, ќе продолжи да го гуши народот, а најголемата тежина ќе ја понесат најсиромашните и работничката класа.












