Цените на нафтата денес пораснаа во Лондон кон 108 долари за барел, додека американскиот пазар го надмина европскиот со уште поголем раст, што укажува на трка за енергенси откако американскиот претседател Доналд Трамп со заканите кон Иран ги засили стравувањата од долготрајна блокада на Ормускиот теснец.
На лондонскиот пазар, попладне, со барел се тргуваше по цена повисока за 6,45 долари во однос на вчерашното затворање, односно 107,61 долар. На американскиот пазар цената беше повисока за дури 10,80 долари и достигна 110,92 долара.
Растот доаѓа по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можни екстремно жестоки напади врз Иран, додека Техеран најави одмазда и веќе го ограничи транзитот низ теснецот.
Шефот на Меѓународна агенција за енергија, Фатих Бирол предупреди дека Европа може да се соочи со недостиг на гориво веќе во април или мај, додавајќи дека ослободувањето на резервите само го ублажува проблемот.








