Оставката на обвинителката Ленче Ристоска е политички перформанс насочен кон градење личен наратив на жртва, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавноста има право да знае, дали оваа оставка е чин на принципиелност или политички перформанс насочен кон градење личен наратив на жртва. Вистинската борба за владеење на правото не завршува со избор или неизбор на функција, таа почнува токму тогаш. Наместо декларативни заложби, на институциите им се потребни луѓе кои ќе работат доследно, без оглед на личниот исход. Се друго е само уште една потврда дека за дел од нив правдата била прашање на позиција за контрола, а не на принцип“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со внимание ја проследиле оставката на Ленче Ристоска, која, како што велат, до пред само еден месец самоуверено тврдела дека дошло времето токму таа да застане на чело на обвинителството и да ја донесе толку посакуваната правда.
„Очигледно времето за кое зборувала, важело само доколку исходот од изборот е по нејзина мерка. Во моментот кога институциите постапија согласно закон и не ја потврдија нејзината кандидатура, истата таа визија за силно и независно обвинителство одеднаш исчезна и се замени со наратив за наводни притисоци и загрозен интегритет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека легитимно се поставува прашањето, дали принципите важат само кога носат личен напредок и дали борбата против криминал и корупција е кредибилна ако завршува таму каде што почнува нејзиното лично разочарување?
„Ристоска зборува за ослабување на институции, но токму таа беше дел од тоа и ваквото однесување со условување на сопствениот ангажман со функција е суштинскиот проблем, кој со години ја уништува довербата во правосудниот систем. Наместо континуитет и професионализам, сведочиме на селективна принципиелност, каде во изјавата на Ристоска се вели дека институциите се добри кога одлуките се во наша корист, а лоши кога не се. Особено е индикативно што одлуките кои ги критикува, доааѓаат во момент кога конечно се воспоставува ред и се применува правото, без привилегирани толкувања од тесен круг на поединци кои со години се обидуваа да го монополизираат јавниот интерес“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Ристоска била дел од истото СЈО кое било водено од рекет дружината на Катица Јанева, кои дрпале народни пари на име хонорари од СЈО и кое прераснало во машина за политички прогон.
„Само треба да се проследи изјавата на обвинителката Лејла Кадриу, која сведочи за тоа дека Заев и Шеќеринска лично оделе навечер во СЈО на Катица, Ленче и Лиле Стефанова и селектирале предмети за политички прогон“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.











