Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Дијанетот, Х. Сафи Арпагуш, реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, амбасадорот на Турција во нашата земја, Фатих Усулој, како и со претставници на исламските верски заедници од Германија, Австрија и Италија.
На средбата, претседателот Гаши го поздрави одржувањето на Самитот на верските лидери на Балканот во Скопје, истакнувајќи дека тоа претставува доказ за заедничката волја за дијалог, меѓусебно разбирање и соработка. Тој ја нагласи важноста на соживотот, како и улогата на верските заедници во неговото унапредување и во јакнењето на толеранцијата меѓу народите во регионот.
Претседателот на Дијанетот, Арпагуш, ја истакна успешната организација на Самитот и значењето на соработката меѓу верските заедници. Тој посочи дека соживотот кој со векови постои во регионот придонесува за зајакнување на мирот, меѓусебната доверба и братството.
Реис-ул-улема на ИВЗ, Шаќир Фетаху, се осврна на значењето на Самитот и на поддршката од институциите во неговата подготовка и реализација, истакнувајќи дека настанот добил и пошироко државно значење.
Амбасадорот на Турција, Усулој, нагласи дека пријателските односи и блиската соработка меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина.








