Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги спроведе вонреден програмски надзор врз Вториот телевизиски канал на Јавниот радиодифузен сервис, по емитувањето на музичката програма „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“ на 28 март 2026 година. Извештајот од надзорот е објавен на веб-страницата на Агенцијата.
„Констатациите од надзорот се дека со изведбата на песната „Албански територии (Trojet Shqiptare)“ се поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии“, велат од Агенцијата.
Девојчето кое ја изведувало песната било облечено во маица со илустрација на т.н. „Голема Албанија“, која опфаќа територии од Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Косово и Грција. На задната страна од маицата бил испишан слоганот „1 GJUHË, 1 KOMB, 1 GJAK“ („Еден јазик, еден народ, една крв“). Во текот на настапот, изведувачката и двете танчерки повеќепати го покажувале симболот на двоглав орел.
Дополнително, како што наведува Агенцијата, текстот на песната содржел пораки што повикуваат на експанзионизам и територијално обединување на земји и градови од регионот, вклучително и територии на Северна Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора.
При надзорот биле применети критериумите од Водичот за мониторинг на говорот на омраза, како и стандардите од Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права, конкретно случаите „Рој ТВ против Данска“ и „Зана против Турција“. Било утврдено дека ограничувањето на ваквиот вид изразување е пропишано со закон, има легитимна цел – заштита на националната безбедност, јавниот ред и правата на другите – и е неопходно во едно демократско општество.
Агенцијата оценува дека емитувањето на вакви содржини во програма наменета за најмладата публика претставува обид за индоктринација со идеи спротивни на соживотот и толеранцијата во мултиетничко општество, како и злоупотреба на деца за политички цели.
Во извештајот се посочува и дека фактот што спорните кадри и пораки поминале низ уредничкиот филтер на МРТ2 без да бидат отстранети укажува на сериозен системски пропуст во планирањето и уредувањето на програмата.
Агенцијата потсетува дека Јавниот радиодифузен сервис има посебна одговорност да спречи злоупотреба на програмата за промоција на идеи што го негираат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, како и за поттикнување различни форми на нетолеранција. Дополнително, се нагласува дека МРТ е должна да обезбеди целосна заштита на малолетните лица во своите програми.












