Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изнесе обвинувања дека бизнисменот Миодраг Давидовиќ – Дака му дал 300.000 евра на Зоран Заев за да добие повратна услуга, при што, според него, средствата биле искористени за „инженеринг на референдумот за името“.
Петрушевски изјави дека Давидовиќ, кого го опиша како „проруски бизнис партнер на Заев“, е лице со контроверзно минато и дека се наоѓа на црна листа на САД поради сомнежи за корупција и злоупотреба на влијание на Балканот, вклучително и во Македонија.
Тој потсети на аудио снимки кои, како што рече, се појавиле во 2020 година, во кои се слуша разговор за наводни финансиски трансакции и договори за бизнис-соработка. Во една од тие снимки, според Петрушевски, Давидовиќ наведува дека дал 300 илјади евра и 2.000 квадратни метри земјиште за да добие услуга, додавајќи дека парите биле искористени за влијание врз референдумот.
Во истиот контекст, Петрушевски посочи дека во разговорите се споменуваат и имињата на Зоран Милески Кичеец, кого го нарече посредник, како и Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата.
„Тоа значи дека тогашната власт на СДС била поврзана со контроверзниот бизнисмен Дака и го рекетирале за да спроведат инженеринг на референдумот за името“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, нема да постапува како претходната власт и најави дека ќе бидат искористени сите законски можности за фирмата „Хронос Сум“, која, според него, била поврзана со Давидовиќ, да не инвестира во енергетски објекти, и покрај тоа што ги исполнува законските услови.








