Италија забрани американските бомбардери да слетуваат во базата на Сицилија

Макфакс

31/03/2026

12:10

238

Големина на фонт

а а а

Италија одби да им дозволи на американските воени авиони да слетаат во воздухопловната база Сигонела на Сицилија на пат кон Блискиот Исток, потврди извор запознаен со ситуацијата. Ова ги потврдува претходните медиумски извештаи, пренесува „Ројтерс“.

Дневниот весник „Кориере дела Сера“ објави дека американските бомбардери требало да слетаат во база во источна Сицилија пред да го продолжат летот кон Блискиот Исток.

Според весникот, дозволата била одбиена бидејќи САД не побарале официјално одобрение ниту се консултирале со италијанската војска, што е потребно според договорите што го регулираат користењето на американските воени објекти во Италија.

Изворот, кој зборуваше под услов на анонимност бидејќи не бил овластен да зборува со медиумите, не го прецизираше бројот на вклучени авиони или кога точно Рим ја одбил дозволата. Немаше непосреден коментар од италијанското Министерство за одбрана.

Опозиционите партии од левиот центар ја повикаа владата да го блокира користењето на американските бази во Италија за да се избегне вовлекување на земјата во конфликт.

Централнодесничарската влада на премиерката Џорџија Мелони претходно изјави дека ќе побара одобрение од парламентот доколку бидат поднесени такви барања.

Шпанија вчера го затвори својот воздушен простор за американските авиони вклучени во нападите врз Иран.