ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оцени дека Сoцијалдемократскиот сојуз и лидерот Венко Филипче се наоѓаат во длабока криза која, како што наведуваат, не може да се прикрие со пи-ар стратегии.
Од партијата велат дека обидите на опозициската партија да се претстави како жртва и да ја релативизира реалноста се „сè попровидни“, додавајќи дека иронијата кон анкетите не ја менува состојбата на терен.
„Обидите за создавање нов имиџ преку склопените пи-ар пораки на Башановиќ не можат да го сокријат фактот дека Филипче се наоѓа далеку од врвот на довербата кај граѓаните, ниту дека СДС е под 5% доверба“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека поддршката за партијата и за нејзиниот лидер Христијан Мицкоски останува стабилна, при што како причина ја посочуваат перцепцијата кај граѓаните дека Владата работи и има резултати.
Во соопштението се додава дека граѓаните „можат да направат разлика“, а СДСМ, според нив, има „само фасада зад која стојат истите структури и лоши пракси“.
Партијата истакнува дека кризата во СДСМ не е резултат на надворешни напади, туку на, како што велат, „одамна изгубениот кредибилитет“ на раководството.
„СДС е против СДС, а тоа што измислуваат дека некој води црна кампања против нив е доказ дека се во паника. Не постои кампања што може да уништи кредибилна партија“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.








