Обид за нелегален увоз на две пратки со неозначени јајца од Србија, во вкупно количество од 40,41 тони спречиле инспекциските служби и Одделението за следење на измами со храна при Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во координирана соработка со Царинската управа, во текот на минатата седмица.
Врз основа на оперативни сознанија и повеќемесечно професионално следење на активностите на домашни увозници и извозници со јајца, на граничниот премин „Табановце“ била спроведена акција во која при детална контрола откриени се над 572.000 необележани свежи јајца, скриени зад првите палети со уредно декларирана стока.
Во едната пратка пронајдени се 270.000, а во другата 302.400 необележани јајца.
Според сознанијата на АХВ, овие производи требало дополнително да се обележат и лажно да се пласираат како македонски, со што директно се загрозува и угледот и конкурентноста на домашното производство.
Вкупната количина од 40 тони и 410 килограми јајца е прогласена за небезбедна и е нештетно уништена на депонијата Дрисла.
За вклучените субјекти во овој случај ќе бидат изречени соодветни мерки, а ќе следуваат и дополнителни проверки на нивното досегашно работење, нагласува АХВ.








