Денес и утре во Скопје се одржува регионална конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, чиј покровител е Министерството за образование и наука на Македонија, а коорганизатори се Регионалниот совет за соработка (RCC) и Светска банка. Дијалогот обединува министри, раководства на универзитети, академици, истражувачи, креатори на политики, претставници на индустријата, работодавачи, експерти и студенти.
Нагласувајќи го значењето на конференцијата, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска посочи дека во услови на крупни геополитички промени, расте свеста за образованието како најсигурната инвестиција, од која зависи иднината на економиите, нивната одржливост и отпорност.
„Без силен придонес од високообразовната заедница преку истражувања, учење и настава, општествено влијание, иновации и трансфер на технологии, не можат да се решат главните предизвици на современите општества, вклучително и оние кои се однесуваат на целите на Обединетите нации за одржлив развој, опстанокот на нашата планета, прашањата за војната и мирот, демократијата и заедничкиот живот“, рече Јаневска, додавајќи дека клучна е интернационализацијата на високото образование.
Болоњскиот процес ги отвори универзитетите за меѓународна соработка, а мобилноста носи нови знаења, искуства и иновации преку заеднички проекти и партнерства, како и пристап до технологии и финансирање. Интернационализацијата денес е неопходен механизам што им овозможува на студентите да стекнат дигитални и зелени вештини, ја придвижува државата кон иновации и отвора нови работни места, а регионот го прави поконкурентен на европскиот и глобалниот пазар.
Говорејќи за предизвиците, министерката Јаневска ги наведе ограничените средства за мобилност, бирократски процедури, институционалниот капацитет, како и усогласеноста со европските стандарди.
„Како држава, во последнава година и половина, направивме крупен исчекор. Ги зголемивме вложувањата во високото образование и науката, а цврсто сме решени буџетските средства за оваа намена и во следните години да растат“, рече Јаневска.
„Одливот на мозоци“ сѐ уште предизвикува стравувања.
„Најголема бариера останува можноста мобилноста да ни одземе од, и онака осиромашениот, академски и научен корпус и дека највредните студенти, најплодните професори и најпосветените истражувачи ќе заминат и нема да се вратат. Нашата умешност треба да ја покажеме во обезбедувањето механизми за претворање на ‘одливот на мозоци’ во ‘циркулација на мозоци’“, рече министерката.
Интернационализацијата на високото образование мора да остане достапна за сите, насочена кон квалитет и размена на знаење, а не водена од финансиски интереси. Таа е средство за подобрување на високото образование и за инклузивна меѓународна соработка во регионот на Западен Балкан, што овозможува циркулација на таленти, гради конкурентност и ја зголемува иновативноста.












