Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја води партијата по насоки од поранешниот премиер Зоран Заев и негови соработници, со цел да ја зачува својата позиција.
„За да остане на фотелјата Филипче одбра СДС да биде прокси партија по насока на Заев и Башановиќ“, рече Манасиевски на прес-конференција.
Тој обвини дека, како што наведе, „чуварот на фотелјата Заев“ преку Филипче влијае врз одлуките во партијата, посочувајќи дека средбите на Филипче во Ниш и во Грција со Башановиќ и Шчекиќ, за кои, според него, нема одговори во јавноста, се доказ за таквото влијание.
„Молкот за средбите на Филипче во Ниш и во Грција со Башановиќ и Шчекиќ е чист доказ дека Заев му ги средува и ден денес работите, само за да му ја чува фотелјата, и тој да управува со него“, изјави Манасиевски.
Според него, Филипче, како што рече, „без двоумење ги слуша наредбите“ и ги пренесува во јавноста, а комуникациската стратегија на СДС се темели на „лажни вести, манипулации и клевети“.
Манасиевски оцени и дека, според него, СДСМ, која ја предводеле Заев, Димитар Ковачевски и Филипче, се соочува со пад поради, како што рече, лоши политики.
„Од некогаш големата СДС, Заев со Ковачевски и Филипче успеа партијата и со нивните лоши политики да ја тоне без да може никој да ја спаси“, изјави Манасиевски.








