Кој е човекот кого Трамп го нарекува најугледен ирански лидер и со кого наводно преговара?

Точка

23/03/2026

22:04

610

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги повлече заканите за „уништување“ на иранската електроенергетска мрежа, велејќи дека Соединетите Американски Држави и Иран одржале конструктивни разговори и дека Вашингтон за пет дена ги одложува сите напади врз електрани и енергетска инфраструктура, во зависност од успехот на тековните состаноци и разговори.

Објавата на Трамп следуваше откако Иран се закани со напад на израелските електрани и на оние што ги снабдуваат американските бази низ регионот на Персискиот Залив, доколку САД ја гаѓаат иранската електроенергетска мрежа. Разговорите со Иран ќе продолжат оваа недела, наведе Трамп во објава на социјалните мрежи.


Тој изјави дека двете страни се согласиле околу „важни точки“ и дека Иран „многу сака да постигне договор“, додавајќи дека наскоро би можел да биде постигнат договор за излез од војната, како и дека неговиот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф и помошникот и зет Џаред Кушнер разговарале со Иранците во неделата и дека преговорите ќе продолжат денеска.

„Водевме многу, многу силни разговори. Ќе видиме каде ќе нè одведат. Имаме точки, главни точки на согласност, би рекол, речиси сите точки на согласност… водевме многу силни разговори“, рече Трамп, додавајќи дека разговорите ги воделе Виткоф и Кушнер.

Галибаф: „Лажни вести со цел манипулација“

Тој нагласи дека постои „реална можност за постигнување договор“ и одби да открие со кого разговарале Соединетите Американски Држави во Иран, но рече дека тоа не бил иранскиот врховен лидер ајатолах Моџтаба Хаменеи. Трамп изјави дека на Иран „му останале уште неколку лидери“.

„Имаме работа со некои луѓе кои ги сметам за многу разумни, многу цврсти. Луѓето внатре знаат кои се. Тие се многу почитувани. Можеби еден од нив ќе биде токму она што го бараме“, рече тој и тврдеше дека САД разговараат „со човек за кого верувам дека е најугледен и лидер“.


Набргу потоа, израелските медиуми, повикувајќи се на израелски официјални лица, објавија дека Виткоф и Кушнер преговарале со претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф.


Галибаф, близок пријател на убиениот командант на силите Кудс на ИРГЦ, Касем Солејмани, кој беше вклучен во насилното задушување на протестите, се појави како водечки носител на одлуки во воено време, додека водечките ирански функционери беа елиминирани во израелско-американската кампања против Иран, пренесе „Тајмс оф Израел“.


Сепак, набргу потоа, на профилот на Икс, кој му се припишува на Мохамад Багер Галибаф, беше објавено дека со САД не биле водени никакви преговори. Се додава дека „лажни вести“ биле користени за „манипулација“ со нафтените пазари и дека иранскиот народ „бара целосно и покајничко казнување на агресорот“.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи и Иранската револуционерна гарда во меѓувреме негираа какви било разговори со САД во изминатите 24 дена.


Командант на ИРГЦ и повеќекратен претседателски кандидат

Како што пренесе Би-би-си, Мохамад-Багер Галибаф е конзервативен ирански политичар со воено минато, кој ја извршува функцијата претседател на иранскиот парламент од мај 2020 година.

Тој е роден во 1961 година и се приклучил на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во 1980 година, по што станал еден од командантите за време на иранско-ирачката војна.

Мохамад-Багер Галибаф, како што се наведува, четири пати неуспешно се кандидирал за претседател, завршувајќи на четвртото место во 2005 и на второто место во 2013 година. Во 2017 година ја повлекол кандидатурата пред изборите, а на предвремените избори во 2024 година го освоил третото место.


Во неделата, во објава на неговиот профил на Икс беше наведено дека „покрај воените бази, легитимни цели се и оние финансиски субјекти што го финансираат американскиот воен буџет“.

Галибаф е обвинуван дека за време на својот мандат како градоначалник на главниот град Техеран, функција што ја извршувал од 2005 до 2017 година, ја искористил својата поранешна улога како командант на ИРГЦ за да прикрие корупциски скандали.