Климата на Земјата е во најголема нерамнотежа откако се води евиденција, предупреди климатската агенција на Обединетите нации.
Светската метеоролошка организација соопшти дека нашата планета прима многу повеќе топлина отколку што може да ослободи, што е резултат на емисијата на гасови што предизвикуваат затоплување, како што е јаглерод-диоксидот.
Оваа рекордна „енергетска нерамнотежа“ доведе до најголемо досега затоплување на океаните во текот на минатата година, а поради неа продолжува и топењето на ледниците.

Научниците стравуваат дека природната фаза на затоплување, позната како Ел Нињо, за која се очекува да започне подоцна оваа година, наскоро би можела да донесе нови рекордно високи температури.
Реагирајќи на овој извештај, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, уште еднаш ги повика земјите да се насочат кон обновливи извори на енергија со цел да „обезбедат климатска, енергетска и национална безбедност“.

„Планетата Земја е оттурната надвор од своите граници. Секој од клучните климатски индикатори е во црвено“, предупреди тој во видео-обраќање.
Последните 11 години се најтоплите 11 години на Земјата од 1850 година, соопшти Светската метеоролошка организација („WMO“).









