Криза во американската армија: „Не сакаме да умреме за Израел“

Макфакс

23/03/2026

13:08

185

Големина на фонт

а а а

Американските војници предупредуваат дека копнена операција во Иран би била „апсолутна катастрофа“, додека моралната криза и незадоволството во армијата достигнуваат историски нивоа.

Можноста за американска копнена операција во Иран се зголемува, но припадниците на војската стационирани во регионот предупредуваат дека таков потег би бил „апсолутна катастрофа“.

Како што војната меѓу САД, Израел и Иран влегува во својата четврта недела, а претседателот Доналд Трамп наредува илјадници дополнителни војници да бидат испратени на Блискиот Исток, војниците стануваат повнимателни.

Според американскиот портал „HafPost“, интервјуата со активни војници, резервисти и групи за заштита на правата на војниците откриваат сериозна криза на моралот. Војниците пријавуваат чувство на ранливост, огромен стрес, фрустрација и разочарување до степен што многумина размислуваат целосно да ја напуштат војската.

Воен службеник кој ги лекува евакуираните војници во Регионалниот медицински центар Ландштул во Германија предупредува дека војниците страдаат поради „несоодветна заштита и планирање“, пренесуваат медиумуите.

Иранските балистички ракети и беспилотни летала постојано ги погодуваат американските воени објекти, а бројот на жртви е веќе висок: 13 американски војници се убиени (седум во директни напади), додека најмалку 232 се ранети.

„Копнена операција би била апсолутна катастрофа“.

Еден од резервистите сподели шокантни детали за губењето на довербата меѓу војниците:

„Ги слушам зборовите од устата на војниците: Не сакаме да умреме за Израел, не сакаме да бидеме политички пиони“, рече тој, додека друг резервист потврди дека слушнал идентични коментари.

Недостатокот на јасен наратив за оправдување на војната со Иран е клучен извор на незадоволство. Организациите што им помагаат на војниците бележат историски бројки. Мајк Прајснер, извршен директор на Центарот за совест и војна, истакнува дека во претходните години добивале помеѓу 50 и 80 барања годишно, додека во март оваа година е забележано зголемување од дури 1.000 проценти.

Како пресвртница, многу војници го наведуваат нападот на 28 февруари врз училиште во иранскиот град Минаб, каде што беа убиени најмалку 175 лица, вклучувајќи десетици девојчиња. Извори запознаени со истрагата на Пентагон изјавија за „HafPost“ дека САД најверојатно се одговорни за овој трагичен инцидент.

Загриженоста на војниците одразува поширока промена во ставовите кон улогата на Америка на Блискиот Исток и поддршката за Израел. Американските војници изразуваат резерви кога го набљудуваат уништувањето во Газа за време на израелската офанзива, а помладата генерација Американци, кои го сочинуваат ‘рбетот на армијата, стануваат исклучително скептични. Неодамнешна анкета на „NBC News“ покажа дека 63 проценти од гласачите под 34 години сега имаат негативен став за Израел.

Незадоволството се зголемува и поради внатрешните политики на Министерството за одбрана под Пит Хегсет, вклучително и употребата на војската и Националната гарда во рамките на САД, откажувањето на програмите за промовирање на различноста и прекинувањето на партнерствата со универзитетите и тинк-тенковите.

„Овој момент е дестабилизирачки поради начинот на кој војската се користи како марионета на администрацијата за спроведување на авторитарна агенда“, рече Мет Хауард од организацијата на ветераните „About Face“.

Соговорникот на „HafPost“ заклучува: ако војниците видат дека овие потези не се совпаѓаат со нивниот морален компас и цели, препораката меѓу војниците е сè појасна: „Побарајте излез“.