Илјадници луѓе маршираа во Мадрид барајќи заштита на јавниот пензиски систем и гаранции за сигурни пензии пред парламентарните избори, поради политичкиот судир околу иднината на пензискиот систем во Шпанија.
Демонстрантите бараат гаранции дека пензиите ќе останат заштитени од приватизација, додека левицата ја обвинува десницата дека сака да го отвори патот за делумна приватизација на системот, еден месец пред парламентарните избори во Шпанија.
Околу 25.000 луѓе денеска напладне маршираа низ центарот на Мадрид барајќи заштита на јавниот пензиски систем, според податоците на градската управа доставени до агенцијата Франс прес (АФП).
На транспарентите на демонстрантите пишувало „Гарантирани пензии“ и „Заштитете ги“. Протестот се одржува еден месец пред парламентарните избори, во услови на политички судир околу иднината на пензискиот систем.
🔴 Miles de personas se manifiestan en Madrid por el derecho a las pensiones dignas
📹 @Emi_SanchezH https://t.co/IVnT8Djdp6
— EL PAÍS (@el_pais) October 24, 2026
„Пензиите мора да бидат недопирливи“, изјавила 64-годишната Пилар, која наскоро треба да замине во пензија. Таа изразила загриженост поради, како што ја опишала, општата тенденција кон приватизација.
Хуан Фернандез (38), државен службеник од Севилја, рекол дека живее во неизвесност во врска со сопствената пензија и се противи на реформите за кои смета дека би можеле да отворат пат за приватизација, при што би имало и добитници и губитници.
Пилар ја поздравила и мобилизацијата околу станбеното прашање во последните недели, особено меѓу младите, за кои рекла дека конечно се „разбудиле“. Таа повикала на одбрана на сите јавни услуги, вклучително и образованието и здравството.
Судир меѓу владата и десницата околу пензиската реформа
Лидерот на десничарската опозициска Народна партија (ПП), Алберто Нуњез Феихо, во понеделникот најавил дека неговата партија ќе ги зголемува пензиите во согласност со законот доколку победи на предвремените парламентарни избори закажани за 29 ноември.
Со ова тој одговорил на обвинувањата од владата на премиерот Педро Санчез од Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), која тврди дека десницата сака да го реформира пензискиот систем и да го оспори постојниот механизам за усогласување на пензиите со инфлацијата.
Механизмот е во сила од 1 јануари 2022 година. На крајот на 2021 година, Народната партија гласаше против законот, критикувајќи ги трошоците што тој ги создава за државниот буџет.
Просечната пензија во Шпанија во септември изнесувала 1.576 евра месечно, според податоците на Министерството за социјална сигурност.
Прашањето за пензиите е една од темите што го засилуваат политичкиот судир во пресрет на изборите, при што владата и опозицијата имаат различни ставови за иднината и финансирањето на јавниот пензиски систем.
















