Предлогот на опозицијата за воведување електронски алки за насилници на прв поглед може да звучи како одлична идеја. Но, кога ќе се разгледа подлабоко, станува јасно дека станува збор за недоработена иницијатива, без сериозна правна и институционална основа, изјави Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, овој предлог отвора суштински правен проблем.
„Законот што се предлага е во рамки на граѓанска постапка, додека вакви мерки – како електронски нараквици – по својата природа припаѓаат во кривичното право. Ова значи дека се прави мешање на два различни правни системи, што може да доведе до правна неизводливост и сериозни проблеми во примената“, вели Пешевска.
Дополнително, додава таа, во предлогот се наведува дека нема фискални импликации, што е апсолутно нереално. Пешевска вели дека воведување на ваков систем подразбира набавка на опрема, техничка инфраструктура, центри за следење, обука на кадар и континуирано одржување и прашањето е кој ќе го финансира тоа и како?
„Понатаму, не се одговорени клучни прашања: Кој ќе ги обезбеди електронските алки, кој ќе врши мониторинг и 24-часовно следење, кои институции ќе бидат надлежни и кои други закони треба да се усогласат за да функционира системот? Без овие одговори, станува збор за политички маркетинг, а не за сериозно законско решение“, вели Пешевска.
Таа додаде дека во моментов постои работна група која работи на низа законски решенија токму во оваа област, во која членуваат и претставници од истите тие што денес го предлагаат овој закон. За жал, вели Пешевска, дел од нив не присуствуваат на состаноците, што дополнително го доведува во прашање нивниот пристап и сериозност во решавањето на проблемот.
Пешевска додава и дека во пракса постојат и дополнителни предизвици.
„Во случаи кога поранешни партнери имаат заеднички деца, контактот меѓу нив е неизбежен. Во такви ситуации, електронската алка не го решава проблемот, туку отвора нови компликации во примената на мерките. Исто така, за да функционира системот, потребно е и жртвата да биде вклучена – што отвора дополнителни дилеми за нејзината заштита, приватност и согласност. Она што особено загрижува е што не постои никаква анализа врз основа на реални податоци. Наместо да се прават популистички предлози, потребно е да се анализира: колку често се прекршуваат постојните мерки за забрана на приближување и дали нивното зајакнување би дало подобри резултати. Дополнително, мерката е предвидена само како привремена, наместо да се размислува за системско решение – на пример, нејзина примена по правосилна пресуда или воспоставување регистер на осудени насилници“, вели Пешевска.
Таа додава дека наместо импровизирани решенија, потребен е сериозен, сеопфатен пристап базиран на анализа, законска усогласеност и реална примена. „Насилството не се решава со неприменливи законски предлози, туку со функционални системи што навистина ги штитат жртвите“, вели Пешевска.












