Руски научници развиле систем со вештачка интелигенција за автоматско откривање на метастази на колоректален рек во лимфните јазли, соопштија вчера од прес службата на универзитетот Сеченов.
„Научниците од универзитетот Сеченов, заедно со руска ИТ компанија Медикал неуронетс и експерти од Московската градска онколошка болница број 62, развија систем со вештачка интелигенција за автоматско откривање на метастази на колоректален рак во лимфните јазли“, се вели во соопштението, пренесе Риа Новости.
Како што е објаснето, новиот систем функционира во две фази: најпрво алгоритмот го анализира целиот дигитален препарат и ги означува сомнителните области, а потоа следи подетална анализа, при што програмата прецизно ги одредува границите на туморските клетки, покривајќи ги со полупроѕирна маска.

Таквиот пристап им овозможува на лекарите побрзо да се снајдат и да го насочат вниманието кон потенцијално значајни зони.
„Оваа технологија не го заменува лекарот, туку служи како алатка за поддршка при донесување одлуки. Во иднина, ваквите решенија можат да се интегрираат во дигиталните работни места на патоморфолозите, што би го намалило ризикот од пропуштање на мали жаришта и би ја подобрило стандардизацијата на онколошката дијагностика“, заклучија претставниците на Универзитетот.






