Шпанија ги повлекува трупите од Ирак поради војната во Иран

Макфакс

18/03/2026

19:20

174

Големина на фонт

а а а

Шпанија ќе ги повлече своите војници од Ирак во наредните денови поради ескалацијата на конфликтот во Иран и нестабилноста во целиот регион на Персискиот Залив, потврди денес министерката за одбрана Маргарита Роблес. Одлуката е донесена поради зголемените безбедносни ризици за воениот персонал стациониран во земјата, објави Ројтерс.

Во Ирак има околу 300 шпански војници. Некои од нив учествуваат во меѓународната коалиција против Исламска држава, основана во 2015 година како дел од операцијата „Inherent Resolve“, додека други се ангажирани во посебна мисија на НАТО за советување на ирачките безбедносни сили од 2018 година.

Роблес не прецизираше каде ќе бидат префрлени војниците. Министерството за одбрана во неделата објави дека единица на специјалните сили од 71 војник е привремено преместена од својата база бидејќи повеќе не може да ги извршува своите задачи за обука на ирачките единици за борба против тероризмот.

Војната меѓу САД и Израел против Иран, која влезе во третата недела, брзо се претвори во регионален конфликт без знаци за намалување на тензиите. Шпанија ја критикуваше воената офанзива и им забрани на американските авиони да користат заеднички воени бази на југот на земјата.

Други сојузници на НАТО, како што се Германија и Норвешка, исто така значително го намалуваат своето воено присуство во регионот поради безбедносни ризици. Берлин веќе ги повлече припадниците на Бундесверот од Либан и Ербил во северен Ирак, додека Осло најави префрлање на дел од своите 60-тина војници стационирани на Блискиот Исток.

Ризиците за странските сили се потврдуваат и со неодамнешниот напад со беспилотни летала на северен Ирак, во кој минатата недела беше убиен еден француски војник, а шест други беа ранети.