Шмајхел можеби го одигра последниот натпревар во кариерата

Макфакс

18/03/2026

12:22

303

Големина на фонт

а а а

Каспер Шмајхел призна дека сериозната повреда на рамото би можела да го означи крајот на неговата кариера. Голманот на Селтик играше со болки одреден период, откако го повреди левото рамо играјќи за Данска минатата година, а неговата состојба се влоши минатиот месец против Штутгарт.

Поради повредата, тој ги пропушти последните пет натпревари на тимот на Мартин О’Нил, а во понеделникот, по прегледот од специјалист, ја дозна катастрофалната дијагноза.

„Ме чекаат две операции на рамото. Ги скинав бицепсот, ротаторната манжетна, го изместив рамото и го оштетив лабрумот. Сè исчезна. Изгледа дека имам 10 до 12 месеци рехабилитација пред мене“, откри Шмајхел во разговор за мрежата Си-Би-Ес Спортс.

Данецот е свесен дека ова би можело да биде неговото збогување со професионалниот фудбал.

„Човек не знае како да реагира на ова. Можно е дека го одиграв мојот последен натпревар. Фудбалер сум од кога сум роден. Самата помисла на тоа е поразителна. Во моментов ми е многу, многу тешко да го прифатам сето тоа“, рече 39-годишникот.

Првата операција е веќе закажана за петок, а Шмајхел, и покрај тешките прогнози, вети дека ќе се бори за продолжување на својата кариера преку долгорочниот процес на рехабилитација.

Шмајхел ги следеше стапките на својот татко Питер, легенда на Манчестер Јунајтед, а неговата сопствена кариера трае повеќе од две децении. Тој беше клучен член на тимот на Лестер кој сензационално ја освои Премиер лигата во 2016 година, а со истиот клуб го крена трофејот од ФА Купот пет години подоцна. По Лестер, играше за Ница и Андерлехт, а му се приклучи на Селтик во летото 2024 година.