Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека мора да се најдат дипломатски начини за да се одржи отворен Ормускиот теснец.
„Никој не е подготвен да ги изложи своите луѓе на опасност во Ормускиот теснец. Мора да најдеме дипломатски начини да го одржиме отворен, за да немаме криза со храна, криза со ѓубрива, но и енергетска криза“, рече Калас во интервју за Ројтерс.
Таа истакна дека ЕУ е сојузник на САД, но дека навистина не ги разбира нивните потези во последно време. Според неа, ЕУ сега е помирна бидејќи очекува постојано да се случуваат непредвидливи работи.
„Ги прифаќаме какви што се, ‘ги ладиме главите’ и остануваме смирени и фокусирани“, додаде таа.
Калас нагласи дека во Европската Унија нема расположение за склучување енергетски договори со Русија и покрај ненадејниот пораст на цените, дури и зад затворени врати.
„Бев зад тие затворени врати и не гледам таква подготвеност. А кога разговараме со Русија, најважно е прво да се договориме за што сакаме да разговараме“, рече таа.
Калас изјави дека ако ЕУ се врати на вообичаениот начин на работа, ќе има повеќе војни.
„Веќе го видовме тоа. Затоа мора да бидеме многу внимателни и да не ѝ го даваме на Русија она што го сака, бидејќи нејзиниот апетит само ќе расте“, рече Калас.








