Филмот „One Battle After Another“ на американскиот режисер Пол Томас Андерсон синоќа освои Оскар за најдобар филм на доделувањето во „Dolby Theater“ во Лос Анџелес.
Имено, „One Battle After Another“ освои Оскар за најдобар филм, најдобар режисер, најдобро адаптирано сценарио, најдобар спореден актер, најдобра монтажа и најдобра фотографија.
„One Battle After Another“ делумно е инспириран од романот „Vineland“ на Томас Пинчон. Дејството на романот е сместено во 1984 година. Филмот се смета за напната и непредвидлива приказна за љубовта, лојалноста и борбата за семејството. Според мислењето на бројни гледачи, секој момент од филмот ја носи тежината на минатото и исчекувањето на иднината.
Актерска и филмска екипа
Во филмот играат Леонардо Ди Каприо, Шон Пен, Бенисио дел Торо, Реџина Хол, Тејана Тејлор и Чејс Инфинити. Музиката ја потпишува Џони Гринвуд, директор на фотографија е Мајкл Бауман, а монтажер е Енди Јургенсен.
За што станува збор во филмот?
Дејството го следи Боб, пропаднат револуционер кого го толкува Ди Каприо, кој живее во состојба на постојана параноја и изолација, надвор од системот и општествените норми. Деновите ги поминува со својата интелигентна и самостојна ќерка Вила, која ја глуми Чејс Инфинити. Нивниот кревок свет дополнително се урива кога по шеснаесет години повторно се појавува стариот и опасен непријател на Боб, кого го толкува Шон Пен.

Набргу потоа Вила исчезнува, а Боб е принуден да се соочи со сопственото минато додека очајнички се обидува да ја пронајде својата ќерка. Филмот се занимава со односот меѓу татко и ќерка, последиците од политичкиот екстремизам и товарот на одлуките што не можат да се избришат.
Што вели критиката?
Критичарите го обожаваат филмот, a многумина му дадоа пет ѕвезди. „Vanity Fair“ го вклучи „One Battle After Another“ на листата од 11-те најдобри филмови во 2025 година според нивното мислење. „Rolling Stone“ го постави на првото место на својата таква листа.
Какви се рецензиите?
Рецензиите се многу добри. Критичарите го фалат филмот поради темите што „ја боцкаат“ актуелната политика, силните актерски изведби и необичната комбинација од акција, интриги и црн хумор. На „Rotten Tomatoes“ има 94% од критичарите и 85% од публиката, додека на „IMDb“ оценката е 7,7/10.
Брајан Талерико од „RogerEbert.com“ напиша дека „One Battle After Another“ „е безвременска приказна за отпорот, која разиграно ги испреплетува влијанијата што се протегаат од вистинската приказна за „Weather Underground“ до филмските прикази на бунт, но истовремено е и извонредно динамично, забавно и на крајот трогателно дело за луѓето фатени во хаотичната машина“.

Џастин Чанг од „The New Yorker“ го нарече филмот „еп за односот меѓу татко и ќерка, со необично личен излив на емоции. На прстите од една рака можете да ги изброите сцените што Боб и Вила ги делат, но нивната поврзаност — вртлог од заштитнички однос, исцрпеност и жестока безусловна љубов — го поврзува филмот и сите негови вртоглаво динамични делови во една целина“.
Кејти Волш од „Chicago Tribune“ го опиша филмот како „жестоко обвинение за овој конкретен момент во американската историја“, при што „Андерсон ги балансира разгранетите, со теории на заговор обележани аспекти на оваа приказна со интимната приказна за татко и ќерка, која всушност е срцето на целиот филм“.
Пишувајќи за „The New York Times“, Манола Даргис го нарече филмот „карневалска епопеја за доброто и злото, насилството и моќта, неотуѓивите права и борбата против неправдата; но тоа е и љубовна приказна. Филмот зборува за неуспесите од минатото и сегашнoста, но инсистира на ветувањето за иднината“.

Ричард Лосон од „The Hollywood Reporter“ напиша дека „One Battle After Another“ е „бесен филм, богато ангажирачка и убедлива полемика“, во која „Андерсон покажува досега невидена способност за акција и напнатост; ‘One Battle After Another’ во суштина е трилер, иако преполн со огромни идеи за распадот и можната спас на земјата“.
И изведбите на актерската екипа беа високо фалени. Овен Глајберман од „Variety“ напиша: „Андерсон знае дека квалитетот што го ослободува Ди Каприо е комедијата. Со тоа што му дозволува да го игра Боб како распуштен зависник од марихуана, збунет од губењето на својата вера, тој го хуманизира Ди Каприо и извлекува од него одлична актерска изведба“.
Покрај критичарите, и колегите го фалат филмот. Актерката Џенифер Лоренс изјави дека „One Battle After Another“ е најдобриот филм што некогаш го гледала.










