Во знак на сеќавање на жртвите Здружението на граѓани „16-ти Март“ вечерва организираше собир пред објектот на поранешната дискотека Пулс. Граѓаните се собираа во 2:15 часот по полноќ, а во 2:32 часот, моментот кога пред една година избувна пожарот, со повеќеминутен молк им се оддаде почит на жртвите.
Пред просторот каде што се наоѓаше дискотеката „Пулс“ во Кочани во денес (недела) беа поставени 63 срца со имињата на сите загинати во пожарот. Присутните родители, роднини, пријатели и многу други положија цвеќиња и запалија свеќи пред 63 срца.
Тагата и болката се големи, но сеќавањата на најмилите ќе останат вечни.

-Не знам дали постои збор кој е соодветен со трагедијата со која вие и сите ние се соочивме. Трагедија којашто засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ. Останав без зборови од страв дека не постои збор што може да го кажам и да биде доволен да го опише тоа што вие и сите ние го загубивме. Но токму зборовите не држат во живот. Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспрема заборавот. Сите ние сме заедно во ова, заедно почнавме и заедно ќе продолжиме. Сите ние, на свој начин го продолжуваме споменот на ангелите коишто ги загубивме на 16 март 2025 година, рече Борјан Ефтимов од движењето „Кој е следен“.

Со низа активности во Кочани деновиве се одбележува една година од пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 млади лица и деца, а беа повредени околу 200.
Пред дискотеката „Пулс“ се поклонија и пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Кочани, предводени од командирот на единицата, Драган Апостолов.
-Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта што останува, порачаа од ЗГ „16 Март 2025 Кочани“.
Општина Кочани им додели благодарници и признанија на повеќе од 30 поединци и институции кои вложија надчовечки напори при справувањето со трагедијата.





















