Клучниот терминал за извоз на нафта во Оман, Мина Ал Фахал, беше евакуиран по напад со беспилотни летала, додека два танкери беа погодени во ирачките територијални води, дополнително интензивирајќи ја кризата на пазарот на нафта, објави „Блумберг“.
На бродовите им беше наредено да го напуштат пристаништето Мина Ал Фахал како мерка на претпазливост, додека ирачките нафтени терминали беа суспендирани по нападите врз танкерите Сеифси Вишну и Зефирос.
Затворањето на Ормутскиот теснец доведе до намалување на производството во Ирак, Кувајт и Саудиска Арабија, додека терминалите во Обединетите Арапски Емирати сè уште се делумно оперативни.
Стравувањата од прекини во извозот на нафта од Оман растат, а цената на суровата нафта „Брент“ скокна за 10 проценти, и покрај веста за координирано ослободување на 400 милиони барели резерви од страна на Меѓународната агенција за енергија.
Околу еден милион барели нафта дневно се извезуваат од Мина Ал Фахал, додека Саудиска Арабија пренасочува дел од испораките преку цевковод кон Џанбу на брегот на Црвеното Море.
Експертите предупредуваат дека дури и рекордното ослободување на итни залихи нема да ги покрие загубите во снабдувањето предизвикани од напади и ризици врз клучните пристаништа, што дополнително ја зголемува неизвесноста на глобалниот пазар на нафта.








