Алиу: Го одбележуваме Светскиот ден на бубрегот – поддршка за пациентите и подигнување на свесноста за органодарителството

Макфакс

11/03/2026

14:30

121

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети Клиниката на нефрологија по повод одбележување Светски ден на бубрегот, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави бубрези за сите – се грижиме за пациентите и ја заштитуваме планетата“.

Хроничната бубрежна болест претставува сериозен глобален здравствен предизвик, а најчести причини за оштетување на бубрезите се дијабетесот и покачениот крвен притисок.

- Министерството за здравство дава силна поддршка за органодарителството и во континуитет работиме на подигнување на свесноста за значењето на овој врвен чин на хуманост. По тој повод, во соработка со граѓанскиот сектор, досега се одржаа трибини во Охрид и Битола, а на 27 март ќе се одржи и трибина во Штип. Целта на трибините е преку учество на лекари-експерти во областа на трансплантација, пациенти, донори и претставници на верските заедници, да се отвори јавна дискусија за значењето на органодарителството, медицинските факти, законските аспекти, како и за животните приказни на пациентите кои чекаат или веќе добиле трансплантација, посочи министерот Алиу.

Министерството за здравство секоја година спроведува и Програма за обезбедување средства за третман на пациенти со дијализа, со која се опфатени лица на хемодијализа без здравствено осигурување, набавка на вакцини против хепатит Б, како и едукативни активности за превенција.

Во нашата држава околу 85 отсто од пациентите со терминална бубрежна слабост се третираат со хемодијализа, додека околу 15 со трансплантација на бубрег. Во оваа прилика беше упатен апел за подигнување на свесноста за значењето на трансплантацијата, како чин што спасува живот и претставува највисок израз на човечка солидарност.