Кузеска: ВМРО ги излажа граѓаните и за акцизите на горивата и за платите

Макфакс

11/03/2026

12:53

196

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ ги излажа граѓаните и за акцизите на горивата и за платите, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција.

Таа посочи дека додека биле во опозиција од ВМРО барале и ветувале намалување на акцизите за горивата, но откако дошле на власт не ја исполниле таа најава.

„Кога ВМРО беше опозиција бараа, ветуваа намалување на акцизите за горивата. Ја добија довербата од граѓаните и ги излажаа граѓаните. Денеска кога се власт, кога можат да ја намалат акцизата, да ги намалат цените, одбиваат“, рече Кузеска.

Според неа, иако на светските берзи цената на нафтата се намалува, граѓаните во Македонија плаќаат поскапо гориво.

„Сите земји во регионот воведоа мерки за ограничување на цените на бензините, само владата на Мицкоски не“, рече Кузеска, додавајќи дека, како што рече, „очигледно Мицкоски намерно профитира на грбот на народот“.

Кузеска се осврна и на платите, наведувајќи дека проблемот е што платите во земјава се најниски во Европа и дека куповната моќ на граѓаните е на дното.

„Повторно излажаа. Сега се власт, владата на Мицкоски одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, изјави Кузеска.

Таа додаде дека барањето за повисоки плати не е хистерија, туку борба за достоинствен живот.

„Со часовници од 60.000 евра, вредни колку 150 минимални плати, Мицкоски ги прави хистерични работниците затоа што бараат 600 евра плата. Не е хистерија да се бара достоинствена плата, тоа е борба за достоинствен живот“, рече Кузеска.