„Исланд би можел да ги заврши преговорите за пристапување со Европската Унија во рок од година и пол, станувајќи 28-ми членка на блокот“, изјави исландската министерка за надворешни работи, Поргердур Катрин Гунарсдотир. Исланд ќе одржи референдум на 29 август за тоа дали да се продолжат запрените преговори за пристапување кон ЕУ, а неодамнешните анкети покажаа неизвесен исход, објави Политико.
Неодамнешната анкета на Галуп покажа дека 52 проценти од граѓаните поддржуваат продолжување на преговорите, додека 48 проценти се против. Гунарсдотир, која е претседател на проевропската партија Видреисн, верува дека резултатите од анкетите не треба да бидат одлучувачки. „Понекогаш не мора да ги следите анкетите, туку мора да ја преземете водечката улога“, рече таа.
Министерката истакна дека Исланд е веќе членка на Европската економска зона и Шенген зоната за слободно движење и дека голем дел од своето законодавство го усогласила со она на ЕУ. Затоа, вели таа, процесот нема да биде „толку комплициран“ и преговорите би можеле да се завршат „доста брзо“, под услов Исланѓаните да гласаат за нивно продолжување на референдумот.
На прашањето дали Исланд може да ги престигне кандидатите кои најдалеку напреднале во преговорите, како што е Црна Гора, и да стане 28-та членка на ЕУ, Гунарсдотир одговори потврдно. Сепак, таа додаде: „Најголемиот проблем, секако, ќе биде риболовот“.
Исланд аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година во услови на финансиска криза, но ги замрзна преговорите во 2013 година поради спорови околу политиката за рибарство и променетите економски околности. Официјално ја повлече својата кандидатура во 2015 година.
Пред паузата, Рејкјавик затвори 11 од 33 преговарачки поглавја, кои Црна Гора успеа да ги надмине само во последните неколку месеци. Неименуван функционер на ЕУ минатиот месец изјави за Политико дека само една година може да биде доволна за да се завршат преговорите со Рејкјавик.
Гунарсдотир предупреди дека дури и ако граѓаните го поддржат продолжувањето на преговорите во август, ќе треба да се одржи уште еден референдум по завршувањето на преговорите.












