„Владата застана зад САД и Израел – народот ја плаќа цената на пумпите“, велат од Левица

Макфакс

10/03/2026

07:53

218

Големина на фонт

а а а

„Драстичниот скок на цените на горивата во Македонија е уште еден доказ за нефункционалниот систем што со години го градат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Во држава каде што две партии наизменично ја контролираат власта, институциите престануваат да бидат заштитник на народот и работниците и се претвораат во механизам кој ги штити интересите на крупниот капитал“, велат од Левица.

„Регулаторните тела и институциите што треба да го штитат јавниот интерес очигледно не ја вршат својата функција. Наместо институционална реакција која ќе го заштити стандардот на граѓаните, сведоци сме на институционален вакум во кој ценовните шокови директно се префрлаат врз македонските семејства. За разлика од Македонија, земји како Хрватска, во вакви случаи воведуваат замрзнување на цените на горивата со цел да го заштитат животниот стандард.

Актуелните ценовни шокови на енергетскиот пазар се директна последица на воените напади врз Иран. Наместо во вакви услови владата да води внимателна политика што ќе ги штити економските интереси на македонските граѓани, таа отворено застана зад позициите на САД и Израел. Ваквата надворешна политика не само што ги игнорира геополитичките и економски интереси на македонските граѓани туку и индиректно придонесува за продлабочување на кризата и претстоечката инфлација.

Поскапувањето на горивата неизбежно ќе предизвика нов бран на поскапувања кај храната и основните производи, бидејќи транспортот, производството и дистрибуцијата директно зависат од цената на енергенсите, што значи дополнителен инфлациски притисок врз граѓаните.

Во исто време, минималната потрошувачка кошничка продолжува драматично да расте и наскоро ќе ја надмине границата од 70.000 до 75.000 денари, додека просечната плата изнесува околу 46.800 денари. Со вакви економски услови, од една страна животниот стандард на огромен дел од населението станува неодржлив, а од друга страна власта во исто време за себе набавува манго, папаја, бејби биф, аспарагус па дури и нов владин авион.

Нафтата е берзански производ, но тоа не значи дека државата треба да стои настрана додека профитите растат, а стандардот паѓа. Во вакви услови државата мора активно да интервенира за да спречи прекумерни профити на грбот на граѓаните.

Потребни се итни мерки како: директено неделно или двонеделно ограничување на цените на горивата преку транспарентна формула за формирање на цената; привремено замрзнување на цените во услови на нагли пазарни шокови; ограничување на трговските маржи; привремено прилагодување на акцизите со цел стабилизација на цената; засилен инспекциски надзор и обврска за приватните снабдувачи да одржуваат минимални резерви и сигурно снабдување со гориво.

Последиците од владините политики се сериозни и долгорочни. Прагот на сиромаштија се зголемува, средната класа постепено исчезнува, а економијата се движи кон модел во кој мал број луѓе акумулираат огромно богатство, додека сè поголем број граѓани осиромашуваат“, соопштуваат од Левица.