Израелски напад врз хотел во срцето на Бејрут: најмалку четворица загинати, цел биле ирански команданти

Макфакс

08/03/2026

10:17

172

Големина на фонт

а а а

Најмалку четири лица загинаа во израелски напад врз хотел во Бејрут, а Израел соопшти дека цел биле ирански команданти, пренесе Ројтерс.

Според Ројтерс, израелски напад погодил стан во зградата на хотелот „Рамада“ во центарот на Бејрут рано во неделата, при што загинале најмалку четири лица.

Нападот е прв израелски удар во срцето на Бејрут откако минатата недела повторно се разгореа судирите меѓу Израел и Хезболах.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека во нападот во областа Рауше во Бејрут се повредени уште десет лица.

Израел истакна дека цел на нападот биле клучни команданти на елитната единица Кудс на Иранската револуционерна гарда, но не ги наведе нивните имиња.

„Командантите на корпусот на Кудс во Либан работеле на унапредување на терористички напади против државата Израел и нејзините цивили, додека истовремено дејствувале за Иранската револуционерна гарда во Иран“, се наведува во соопштението на израелската војска, пренесе Ројтерс.

Во хотелот биле сместени луѓе раселени поради војната во јужен Либан и во јужните предградија на Бејрут, а дел од нив биле видени како ја напуштаат зградата од страв од нови воздушни напади.

Минатата недела Израел соопшти дека во напад во Техеран го убил командантот на силите Кудс во Либан, Дауд Али Заде.

Либан беше вовлечен во проширениот американско-израелски конфликт со Иран во понеделникот, откако милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, испали ракети и дронови кон Израел. Израел одговори со силни напади низ јужен и источен Либан и во близина на Бејрут, јави Ројтерс.