„Saint Laurent“ на Неделата на модата во Париз претстави контрастна колекција од предимензионирани одела и нежни чипкани фустани за својата зимска колекција.
Ревијата беше отворена со низа црни одела со големи ревери и нараменици, потсетувајќи на смокинг за жени кој францускиот дизајнер Ив Сен Лоран го креираше во 1966 година, прекинувајќи ја дотогашната традиција.

Проѕирни чипкани фустани и здолништа во земјени тонови на црвена, портокалова и кафеава боја беа комбинирани со огромни крзнени палта или избалансирани со масивен накит.
Присуствуваа голем број познати личности. Меѓу нив беа Зои Кравиц, Мишел Фајфер, Кејт Мос, Франсоа Арно, како и Лурдес Леон.

На пистата како модел се појави и Бела Хадид. Ревијата беше одржана на Трокадеро со поглед кон Ајфеловата кула.
„Saint Laurent“, во сопственост на луксузната групација „Kering“, претрпе три години пад на приходите бидејќи постпандемискиот бум во потрошувачката на скапи чанти и облека исчезна.

Креативниот директор Ентони Вакарело, кој го води брендот од 2016 година, е заслужен за растот на приходите и досегот на „Saint Laurent“.
Продажбата на „Saint Laurent“ минатата година изнесувала 2,6 милијарди евра (3,02 милијарди долари), што е пад во однос на врвот од 3,3 милијарди евра (3,82 милијарди долари) во 2022 година.























