[ФОТО] Пуштени во употреба обновените спортски терени на кејот на Вардар

Макфакс

06/03/2026

19:33

163

Големина на фонт

а а а

Скопје доби нов уреден спортски комплекс на кејот на реката Вардар. Денес, заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, ги пуштивме во употреба обновените спортски терени на кејот на Вардар, простор кој повторно станува место за живот, рекреација и спорт, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Кејот на Вардар е еден од моите клучни приоритети. Уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник започнавме со темелно чистење и уредување, со што конечно реката повторно тече низ своето природно и нормално корито. Денес, овој простор добива нов лик и јасна визија, функционален, модерен и жив јавен простор отворен за сите граѓани“, вели Ѓорѓиевски.



Тој појасни дека се реконструирани спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема, а се создаваат и современи фитнес-зони на отворено кои ќе бидат место за рекреација и здрав живот.

Во рамките на проектот опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои, како што најави градоначалникот, целосно ќе се унапредат и повторно ќе бидат ставени во служба на заедницата.


„На овој потег ќе се уреди и современа градска плажа кое ќе биде безбедно, чисто и достапно катче за одмор, спорт и дружење, кое ќе внесе нова енергија покрај реката и ќе го доближи Скопје до современите европски урбани стандарди“, рече Ѓорѓиевски.