Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска одржа прес-конференција на која информираше за новините предвидени во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за евиденциите од областа на здравството, со кои правиме значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска одржа прес-конференција на која информираше за новините предвидени во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за евиденциите од областа на здравството, со кои правиме значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.
- Со ова законско решение, кое деновиве ќе биде поставено на ЕНЕР, се надминуваат досегашните ограничувања во системот на здравствени евиденции и се овозможува нивно целосно електронско водење преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој Термин“. Тоа значи дека медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, а хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации, како времено решение при прекин на системот. Една од клучните новини е регулирање на Електронското здравствено досие за секој пациент, кое ќе претставува централен извор на сите здравствени податоци – од прегледи и резултати до упати, рецепти и телемедицински услуги“, истакна министерот Алиу.
Тој информираше дека Законот предвидува и техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи, што значи дека сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со Националниот систем, преку сертифицирање на информатичките системи и задолжително евидентирање на секој пристап до здравствените податоци, со цел зголемување на безбедноста и транспарентноста.
- Првпат се регулира интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем, при што телемедицинските услуги добиваат еднаква правна важност како и физичките прегледи, додаде Алиу.
Предлог-законот предвидува и можност за секундарна употреба на анонимизирани здравствени податоци, исклучиво за цели од јавен интерес, научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики, при што е строго забранета секоја употреба што би можела да доведе до дискриминација, профилирање или економска штета за поединец.
Со овој закон, како што беше посочено, се поставуваат темелите за модерен, сигурен и интероперабилен систем за управување со здравствените податоци, кој ќе придонесе за подобар квалитет на здравствените услуги, поефикасно функционирање на здравствениот систем и поголема достапност на услугите за граѓаните, следејќи ги трендовите во оваа област.











